Наместо во октомври, фестивалот на забавна музика Макфест годинава ќе се одржи последната недела од мај, а за ова 29-то издание на настанот се предвидени многу новини, пренесува Дневник.

poznati-ucesnicite-na-makfest-2012

Доминантен финансиер ќе биде Министерството за култура, кое ќе ги обезбеди и наградите. Тие ќе бидат со иста вредност како на Скопскиот фестивал. Победничката мелодија ќе добие 20.000 евра, второпласираната 15.000, а третопласираната ќе биде наградена со 10.000 евра. По 3.000 евра ќе бидат наградите за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап. На минатогодишното издание на Макфест првата награда „тежеше“ 60.000 денари, втората 45.000, а третата 30.000 денари.

Kонкурсот за избор на композиции за „Макфест 2014“ беше објавен пред десетина дена, на 27-ми декември, и ќе трае три месеци. Паралелно, штипската локална самоуправа, како носител на фестивалот, распиша и конкурс за директор, уметнички директор и технички директор на Макфест, кои ќе се избираат за период од две години, со можност да бидат реизбрани на уште две. Фестивалот се враќа и на старата шема со две полуфинални и една финална вечер. Избраните композиции ќе бидат изведени во живо, со придружба на Ревискиот оркестар на МРТ.

Отворен е конкурс и за нови директори. „Општината успеа да го спаси фестивалот. Во 2009 година долгогодишниот генерален спонзор ’Фершпед’ се откажа, па грижата за финансирањето комплетно падна врз локалната самоуправа. Во 2011 и во 2012 година организацијата се доделуваше по пат на конкурс, а лани Општината пак целосно под своја капа го презеде фестивалот, за што од буџетот издвои 40.000 евра. Сега, како манифестација од национален интерес, Макфест конечно добива сериозна финансиска поддршка од Министерството за култура“ – истакнува Драган Ристов, шеф на прес-центарот на фестивалот.

На досегашните 28 фестивалски изданија се создадени и изведени околу 1.000 композиции, од кои многу станаа хитови што и денес се слушаат. Во ноември во 1986 година беше одржан само првиот фестивал, а следните 27 се случуваа во октомври. Но сега Скопскиот фестивал ќе се одржува наесен, а Макфест ќе оди со пролетен термин: „Мај е необичен термин за ваков фестивал, но ќе видиме како ќе биде. На двете полуфинални вечери ќе бидат изведени по 20 композиции, од кои по десет ќе одат во финалето“ – вели Kирил Панајотов, кој повеќе од две децении е во организацискиот одбор на „Макфест“.

Извор: Radiomk.com