
Фондацијата ” Херитиџ” и „Волстрит Журнал“ го објавија индексот на економски слободи за 2014 година, според кои Македонија е на 43 место во светот, што е скок за 11 места во однос на индексот од 2002 година, кога земјава за прв пат е рангирана…
Македонскиот индекс е подобрен во однос на ланската година за 0,4 отсто и изнесува 68,6 и тоа како резултат на подобрувања во трговската слобода, слободата на бизнисот, како и контрола на јавното трошење. Македонија е рангирана на 20 место од 43 земји во регионот Европа, а нејзината целокупна оценка е над светскиот и регионалниот просек.
Резултатите покажуваат дека земјава има подобрувања во девет од 10 економски слободи, односно двоцифрено подобрување во фискалната слобода, слободата на бизнисот, слобода на трудот, трговската слобода, и инвестициската слобода.
Во анализата се констатира и дека банкарскиот сектор во земјава релативно добро ја преброди глобалната финансиска криза, додека пак монетарната стабилност е одржлива.
Сепак, како што стои во анализата, во земјава постојат системски слабости и тоа во заштитата на правата на сопственост и спроведувањето на антикорупциските мерки. Судскиот систем е слаб, попречен од долготрајната корупција и е подложен на политичко влијание.
Македонија за прв пат се оценува во индексот во 2002 година, а некогаш се сметаше за „претежно неслободна“ економија. Во 2007 година се приклучи во редовите на „средно слободни“ земји и има постигнато најголем економски резултат за слобода со индексот за 2014 година.
Од земјите во регионот најблиску до земјава е рангирана Албанија која е на 54. место, Бугарија и Романија на 62., Црна Гора на 68., Словенија на 74., Хрватска на 87., Србија е на 95. и Босна и Херцеговина на 101. место.
Според Фондацијата, годинава 114 земји забележале напредок во економските слободи во однос на минатата година, додека Сингапур, Шведска, Колумбија, Полска и Турција оствариле најдобри резултати во своето постоење.
Влошување на економските слободи се забележани кај 59 земји, додека четири земји ја задржале минатогодишната позиција.
На врвот на листата по економски слободи за 2014 година се Хонг Конг, Сингапур, Австралија, Швајцарија, Нов Зеланд, Канада, Чиле, Маурициус, Ирска и Данска. Најлошо стојат Северна Кореа, Куба, Зимбабве, Венецуела и Еритреја.
Извор: Plusinfo.mk