
Државната комисија за спречување на корупција утврди оперативен план за дејствување во изборниот период пред претстојните претседателски избори и ги предупреди политичарите на кои активности да внимаваат во предизборието што трае од денот на донесувањето на одлуката за распишување на изборите па до изборот на претседател…
1. Во текот на изборниот период не можат да се користат буџетски средства, средства од буџетите на општините и Градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица што располагаат со државен капитал, освен ако тоа поинаку не е утврдено со закон со кој се уредува финансирањето на изборните кампањи на политичките партии.
2.Не може да се располага со буџетски средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал
3.Не може да започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на Закон во тековната година.
4. Не може да се вршат исплаќање на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци, од буџетски средства или средства од јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите годишни трансфери или исплати од еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови.
5. Не смее да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори.
На 20 дена пред почетокот на изборната кампања:
6. Не може да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати.
7. Не смее да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба со средства од буџетот или јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал во инфраструктурата, како патишта, длановоди, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, училишта, градинки и други објекти.
Забелешка:Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за јавна функција на митинг, интервју, дебата или одговор на новинарско прашање.
Антикорупциска најавува дека ќе го следи изборниот процес и доколку постојат основи за сомневање за злоупотреба на буџетски средства ќе преземе мерки и ќе иницира постапки согласно со нејзините надлежности.
Извор: Faktor.mk