
Холандија е земја со најхранлива и најздрава храна, се наведува во истражувањето на Оксфам, меѓународна мрежа на хуманитарни организации, кои се борат против гладот во светот, спроведено меѓу 125 земји…
Оксфам ги рангираше земјите, според пристапот на храна и нејзиниот квалитет во однос на цената. Исто така предвид се земени и процентот на потхранети деца, разноликоста на храната и пристапот до чиста вода, како и негативните последици за здравјето како дебелината и дијабетесот, пренесува МИА.
– Холандија создаде добар пазар, кој им овозможува на луѓето да имаат доволно храна. Цените се релативно ниски и стабилни, а видот на храната, која луѓето ја јадат е урамнотежена – изјави Дебора Хардон, која собра податоци за истражувањето.
Првите 20 места ги заземаат европските земји со исклучок на Австралија. Меѓу првите десет се и Франција, Швајцарија, Данска, Шведска, Австрија, Белгија, Ирска, Италија и Португалија.
Од земјите од регионот Хрватска е на 30-то место, Словенија на 33., Македонија на 36., а Албанија на 42. место.
Меѓу земјите на дното на листата преовладуваат африканските земји, заедно со Лаос, Бангладеш, Пакистан и Индија. На последно 125. место се наоѓа Чад.
САД се на 21. место, заедно со Јапонија. САД на оваа позиција се поради високата стапка на лица со прекумерна тежина и дијабетес, а Јапонија поради скапата храна.
Бурунди (119), Јемен (121), Мадагаскар (122) и Индија (97) имаат најмногу потхранети деца.