menduh_taci

Првиот човек на СДСМ Зоран Заев со СМС пораки се обидувал да го наговори лидерот на ДПА Мендух Тачи на соработка, објави денеска Тачи, покажувајќи го текстот на СМС пораките што му ги праќал Заев.

„Претседателе. Ве молам да се слушнеме. Барем еден разговор. Благодарам Зоран Заев“.

„Перспективите во регионот се воспоставување на соработка со тројката која ќе има  големи  поддрчи  во  иднина, а тоа сте вие, Харадинај и Бериша. Затоа ме подготвуваат и повисоките надвор од  Македонија. Ве молам да разговараме. Зоран Заев“

Ова се пораките што Заев наводно му ги испратил на Тачи. Најголемиот дел од нив се однесуваат на периодот пред последните локални избори, но лидерот на ДПА вели дека слични СМС пораки добивал до пред извесно време.

„Никогаш досега во политиката не сум користел ниски удари. Овојпат се одлучив да и покажам на јавноста само дел од она на што е подготвена опозицијата во обидот да постигне таен договор со мене. Откако не им успеа, ги користат сите валкани методи“, рече Тачи, додавајќи дека причината заради која ги објавува пораките е „пишувањето невистини за неговиот починат татко“.

Од СДСМ не ги негираат пораките, но велат дека на виделина излезе „коалицијата Сушико“ помеѓу директорот на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи.

„Преку Мендух Тачи, говори Сашо Мијалков. Со ова лидерот на ДПА Тачи покажа како кога соработува со некоја политичка партија, всушност одработува за службите на ВМРО-ДПМНЕ под раководство на директорот на УБК, Мијалков“, велат од СДСМ.

Извор: Faktor.mk