
Автотакси превозниците ќе мора да поседуваат сертификат дека се подготвени за такси превоз пред да добијат лиценца за оваа дејност – ова се дел од измените во Законот за превоз во патниот сообраќај што ги подготвува Министерството за транспорт и врски.
Постапката за обезбедување на серитфикатот е иста како онаа што во моментов ја спроведува Министеството за транспорт и врски за добивање сертификат за управител и за возач во меѓународниот патен сообраќај, појасни минисерот Миле Јанакиески.
„Возачот на такси возило најпрво треба да посетува обука во овластена институција, односно компанија, па со потврдата за завршена обука ќе поднесе пријава за испит и врз основа на уверението за положен испит ќе може да поднесе барање за добивање на сертификат за авто-такси возач“, вели министерот.
Наспроти ова, со измените во Законот за превоз во патниот сообраќај им се олеснува превозот на земјоделците. Носителите на семејно земјоделско стопанство евидентирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои имаат во сопственост или под лизинг најмногу две возила за сопствени потреби не треба да поседуваат лиценца, превозот можат да го вршат врз основа на потврда издадена од Министерството за транспорт и врски.
„Измените и дополнувањата се направени имајќи ги предвид потребите на земјоделците со цел олеснување на вршењето на превозот на стоки при вршењето на нивната дејност“, вели Јанакиески.
Потврдата се издава со важност од пет години и може да се продолжи за период од пет години со поднесување барање за продолжување пред истекот на рокот на важност.
Извор: Faktor.mk