Високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ денеска ставија потпис на иницијативата за повторно кандидирање на претседателот Ѓорге Иванов за втор мандат на претседателската функција.
Меѓу потписниците се и министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, пратеникот и поранешен шеф на дипломатијата Антонио Милошоски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, Ивица Коневски, Горан Трајковски, охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, Весна Јаневска…
„Мојот потпис за Претседателот Иванов е потпис за моралност во политиката, за принципиелност во националните интереси, лојалност кон државата и традиционалност кон семејните вредности!“, напиша Милошоски денеска на Фејсбук.
Претходно, свој потпис на иницијативата ставиле професорот и дипломат Љубиша Георгиевски, академиците Цветан Грозданов, Томе Бошевски, докторите Аспасија Софијанова, Александар Караѓозов, Борче Георгиевски, Марија Хаџи Лега, Андон Чибишев, и Звонко Миленковиќ, како и други личности од јавниот и општествениот живот.
Со ова, во пресрет на конвенцијата на која владејачката партија треба да го објави името на својот претседателски кандидат, се поизвесно е дека Иванов ќе ја добие поддршката да се кандидира за втор мандат.
Извор: Faktor.mk