
На неколку недели пред Велигденските празници, и годинава јајцата ќе се продаваат по невообичаено ниска цена.
Ако лани цената ја урнаа косовските јајца кои се продаваа по пониска цена, сега живинарите велат дека проблемот е во зголеменото производство на домашен пазар, особено од нелегалните живинарски фарми.
Според пресметките на живинарите, годинава цената ќе биде уште пониска од лани. Така за една табла јајца ќе се движи од 180 до 200 денари, во зависност од класата, или од 5,8 денари до 6,45 денари за јајце. Лани истиот период цената на една табла јајца беше од 220 до 240 денари односно од 7 денари до 7,7 денари за јајце.
„Оваа година има големо производство на јаца. Дневното производство е над 1,5 милиони јајца, за разлика од лани сега имаме вишок од 200.000 до 500.000 јајца. Оваа година нема опасност од нелегален увоз како лани, но цената ја уриваат дивите фарми, кои немаат воведно ХАСАП сертификат, не прават испитувања за салмонела, а нудат пониска цена на јајцата. Ние легалните фарми работиме по сите европски регулативи, со сите сертификати и кај нас редовно има контроли, а за дивите фарми никој ништо не превзема. Нашата производна цена е 170 денари за табла јајца, ние од Нова година наваму работиме со загуба“, вели Вили Кичуков, претседател на Групацијата на живинари при Стопанската комора на Македонија.
Живинарите апелираат инспекторите да спроведат засилени контроли кај дивите живинарски фарми. Предупредуваат дека ваквите неочекувани состојби на пазарот пред Велигденските празници кога вообичаено имаат турбо производство, им создава вишок на јајца иако засега велат дека немаат залихи.
„Домашниот пазар нема да остане без јајца, има доволно големо производство. Немаме потреба од вонредно производство, но поради ниските цени и загубите со кои работиме, можно е да имаме помал профит годинава за разлика од минатата, што крајно би се одразил врз живинарското производство“, вели Кичуков.
Повеќе за ова на Faktor.mk