
Коцкарскиот тајкун од Макао Луи Че-ву е новиот најбогат човек во Азија, откако со своето богатство го престигна милијардерот од Хонг Конг Ли Ка-шинг, објави Блумберг.
84-годишниот Луи, претседател на казината „Галакси ентертејмент“, само овој месец успеал да го зголеми своето богатство за 3,5 милијарди долари. Така тој сега има околу 100 милиони повеќе од Ли, или вкупно 29,6 милијарди долари.
На коцкарскиот пазар на Макао Луи влезе во 2002 година, а дотогаш 40 години монопол држеше могулот од Хонг Конг Стенли Хо.
Компанијата на Луи „Галакси“ е една од шесте компании кои имаат дозвола за управување со казината во Макао, најголемиот светски коцкарски центар. Приходите на Макао од коцкање минатата година се зголемија за 18,6 проценти на рекордни 45 милијарди долари.
Извор: Faktor.mk