
Под мотото „Биди и ти вистински василичар!“ денеска во Вевчани започнува годинашното издание на Вевчанскиот карневал.
И оваа година продолжува вековната традиција со која Вевчани преку маските на специфичен начин ќе ја покажат својата дарба за хумор и сатира, а секако нема да изостанат и традиционалните маски Зет, Невеста и Глупавиот Август.
Цветомир Угриноски, градоначалнин на Општина Вевчани на вчерашната прес-конференција истакна дека веќе се најавени многу гости, а неизбежно е и присуството на дипломатскиот кор. Главен адут на манифестацијата и оваа година ќе биде гостопримството, а најавена е и богата програма со културно-забавни содржини и за најмалите.
Годинава, по 12 години пауза, ќе бидат обновени Печалбарските денови, во чии рамки ќе се одржи трибина на тема „Во одбрана на македонското име и македонскиот идентитет“, информираше Мишо Китановски, уметнички директор на карневалот.
Посетителите во куќите на гостопримство кои оваа година ќе бидат пет на број ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети.
Што се однесува до музичката програма за оваа година организаторите најавуваат дека таа ќе биде најбогата во историјата на карневалот. Поп-рок вечерта е на 12-ти јануари на која ќе настапат Ѓоко Танески и Куку Леле, а главни ѕвезди ќе бидат момците од најпопуларниот рок бенд на овие простори, Ван Гог. На 13-ти јануари е предвидена вечер на македонски ѕвезди на која ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.
Главното дефиле на маски ќе се одржи на 13-ти јануари, а на 14-ти јануари со палење на маските ќе биде затворено годинашното издание на манифестацијата.