Владата потврди дека размислува за заеднички амбасади со земји од регионот, во држави каде македонската дипломатија или нема претставништво или пак сака да ги намали трошоците.

zname

Премиерот Груевски вели дека Македонија, освен со Србија веќе разговарала и со Турција, Хрватска, Словенија и Црна Гора. Целта на идејата, потенцираше, не е заедничка дипломатија.

-„Се разбира дека нашите дипломатски мисии ќе бидат засебни и тие нема да делуваат заеднички туку ќе делуваат засебно. Но, заради заштеда на финансиски средства за кирии идејата е некаде ние да отстапиме каде што имаме поголем простор за влез на дипломатски претставници на други држави, а некаде тие нам да ни отстапат (простор н.з.). Така да и во држави каде немаме амбасади и дипломатски претставништва да ги имаме или пак некаде да ги намалиме трошоците со тоа што ќе користиме туѓ простор“- изјави Груевски.

Проектот го турка министерот за надворешни работи Никола Поповски.

Аналитичарот Мерсел Биљали за Алсат вели дека треба во проектот да се вклучат и Косово и Албанија.

„Ситуацијата кај нас е чувствителна и од регионален и од внатрешен аспект, така што при секое еднострано дејствување каде би се фаворизирала само едната страна од соседите пораката би била дека за едната страна сме брат, додека на друга не сакаме очи да ù видиме. Така се создава политички регионален дизбаланс кој лесно ќе се преслика и на внатрешен аспект, значи автоматски се подразбира и внатрешен дизбаланс. Ако се работи за градење на резонска политика на Владата тогаш сигурно дека во прв ред би требало да се фаворизираат Албанија и Косово поради присуство на голем дел од населението кое живее тука и кое видно би влијаело во зајакнувањето на внатрешната кохезија што би било интерес и на Македонија како држава“, изјави Мерсел Билали – аналитичар.

Српски „Новости“ кои ја пренесоа идејата на министерот за надворешни на северниот сосед, Иван Мариќ, објавија дека Белград веќе воспоставил контакт со Скопје, Подгорица, Сараево и Љубљана за преставништва во Африка, Азија и Латинска Америка. Најнапредни биле разговорите со Македонија и Црна Гора, но евентуални можни договори, од Србија најавуваат кон крајот на годинава.