
Човекот може да биде зависен од многу работи, па и од секс…
Кога ќе се каже „зависност од секс“ може да се наиде на различни толкувања и мислења околу таа тема. На пример стручно лице како психолог или психијатар ќе се обиде темелно да го испита случајот, целосното здравје на лицето (потенцијалниот пациент) и врз основа на сите факти да се воспостави мислење или дијагноза. Обичен човек без многу познавања можеби ќе рече дека такво нешто не постои или пак луѓе со предрасуди ќе кажат дека сексуалните зависници се луѓе кои немаат морал и немаат контрола врз својот сексуален живот. Некои луѓе на ова гледаат како хедонизам или претерано впуштање во сексуални задоволства.
Но сепак сексуалната зависност постои и како секоја друга зависност може да предизвика проблеми во животот на лицето кое е зависник. Сексуалните зависници може да бидат луѓе кои имаат многу сексуални односи но тоа и не мора секогаш да е така. Сексот е неопходен дел од животот на еден човек и на еден начин сите сме зависни од него. Но каде е границата?
Сексуалната зависност се јавува кога потребата од сексуалните активности го попречуваат нормалното функционирање на личноста во секојдневните животни активности. Ова е случај и кај сите други зависности. Имено се’ она што ве попречува во навремено и ефективно извршување на секојдневните обврски како работа, учење, излегување, дружење со пријатели, колеги и сите други активности кои се вообичаени за вас, а сте спречени во нив, може да се толкува како зависнот или некаков тип на бихејвиорално нарушување. Тогаш потребите стануваат посилни од вас и се претвораат во зависност.
Како може да настане сексуалната зависност?
Овој тип на зависност може да настане кога интензивен секс ги отргнува мислите на особата и ги пренасочува кон задоволство. На пример луѓето кои се постојано изложени на стрес или патат од анксиозност, депресија или други нарушувања или емоционална болка и тага, можат да имаат диверзија на лошите мисли и чувства за време на секс. Па така наместо од таблети за смирување, тие стануваат зависни од секс во кој наоѓаат привремена утеха. Во овој случај сексот станува нива дрога, т.е средство за смирување. Но за жал, дејството не е долготрајно, па индивидуата е во постојана потрага по секс за да ги отргне лошите мисли и емоции.
Некои луѓе се поподложни на зависност од секс. Се смета дека лицата кои се емоционално понестабилни се поподложни за овој тип на зависност. Исто така луѓето кои имаат ниско ниво на самодоверба се изложени поради тоа што сексот ја зголемува самодовербата на индивидуата.
Сексот е здрава практика за секоја личност и влијае позитивно на нејзиното психо-физичко здравје. Сепак доколку се дозволи сексот да управува со вашиот живот, вие станувате зависници и немате контрола. Сексуалните зависници почесто користат сексуални материјали како филмови, секс играчки, практикуваат секс на јавни места, а исто така постои и веројатноста за честа промена на сексуалните партнери, компулзивно мастурбираат, а често пати доколку не можат да најдат партнер се наоѓаат во состојба да молат и да плаќаат за секс. Доколку имаат партнер постојано очекуваат од нив да ги задоволи сексуално во секое време. Има многу примери и случаи кои се и жални и комични. Сепак треба да се има во предвид дека сексуалната зависност како појава постои, а причините треба да се бараат преку целосна анализа на начинот на живот на личноста и нејзинато психо-физичко здравје. Колку побрзо се откријат причините за зависнот толу побрзо ќе се стави зависноста под контрола.