
Дупка во земја со ширина од 12 метри и длабочина од 9 метри проголта 8 спортски автомобили во Националниот музеј за Корвети во градчето Боулинг Грин во Кентаки…
Според сензорите за движење кои се инсталирани во музејот, настанот се случил нешто пред 6 часот наутро по американско време. Директорот на музејот – Вендел Строуд, изјавил дека во тоа време, неколку вработени се наоѓале во музејот.
Шест од автомобилите кои пропаднале во дупката која се отворила биле сопственост на музејот, додека два – ZR1 Spyder од 1993 и ZR1 Blue Devil од 2009, биле позајмени за изложба од General Motors, пишува „New York Daily News“.
Останатите возила што се наоѓаат во близина на дупката се пренесени на сигурно, а музејот сега се обидува да пронајде начин на кој ќе бидат извадени возилата од дупката, некои и постари од 50 години.
„Кои се шансите за тоа земјата да се отвори и да ја проголта највредната колекција на музејот“, вели со чудење историчарот и експерт за Корвети, Џери Бартон.
Од музејот велат дека највреден автомобил е милионитата Корвета, која би можела да достигне цена од неколку милиони долари.