Професионалните војници над 45 години возраст, по завршувањето на службата во АРМ ќе се вработуваат во државните институции до нивно пензионирање, соопшти денеска премиерот Никола Груевски.

gruevski

Законското решениекое ќе опфати околу 3700 професионални војници ќе биде изготвено најдоцна за десет дена, а се очекува да биде донесено до крајот на идниот месец. Војниците, објасни премиерот, ќе се вработуваат согласно нивните квалификации и способности, во министерствата за одбрана и за внатрешни работи, во судската полиција, шумската полиција и други државни институции.

„Со ваквото решение продолжуваме со подобрување на состојбата на професионалните војници, процес што почна со исполнување на нивното барање пред 1,5 година кога ја продолживме старосната граница до која може да служат во АРМ, од 38 на 45 години“, нагласи Груевски.

Владата денеска на седница одлучи да донесе и законски измени за материјално обезбедување на лицата кои останале невработени или технолошки вишок и по 2004 година, односно до 31 декември 2013  година, од државни фирми или од фирми со доминатна државна сопственост. Со ваквото, решение потенцира Груевски, ќе се реши проблемот на околу 3.000 лица. Тие ќе добијат по најмалку 7.100 денари односно 34 отсто од просечната плата остварена минатата година плус здравстевено осигурување. Средствата во висина од околу четири милиони евра ќе се обезбедат од државниот Буџет.

За оваа група граѓани ќе важат законските услови за материјално обебзедување во вид на паричен надомест, фирмата од која доаѓаат да е во доминантна државна сопственост, да имаат најмногу 25 години стаж, да не им бил прекинат работниот однос по нивна вина или волја и да го поднесат барањето во рок од 30 дена од донесувањето на законот.