Докторка од Штип од 2012 година до март годинава работела во приватна ординација и вршела систематски прегледи, иако дозволата и’ била одземена од страна на Министерството за здравство, со што се стекнала со противправна имотна корист од над четири ипол милиони денари или околу 75 илјади евра, соопшти Министерството за внатрешни работи.
СВР Штип поднесе две кривични пријави против 62-годишната Р.У. од Штип, доктор специјалист сопственичка на приватната здравствена установа „Д-р Ружа” од Штип, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, во периодот од јануари 2012 година противзаконски извршувала општа пракса како матичен лекар и наплаќала парични средства на име капитација од фондот за здравствено осигурување иако со Решение од Министерството за здравство и’ била одземена дозволата за работа по општа медицина.
Освен тоа, лекарката склучила договор за вршење на систематски преглед на вработените со 21 правно лице.
Со тоа, овозможила на ординацијата „Д-р Ружа” да се стекне со противправна имотна корист од 4.537.684 денари, при што за истиот износ му нанела штета на Фондот за здравствено осигурување , односно на Буџетот на Република Македонија.
Извор: Sky.mk