
Откако власта и опозицијата се договорија околу измените во Изборниот законит, договорот денеска го поздравија и од Брисел…
Ги поздравуваме преземените чекори за подобрување на Изборниот законик, договорени по многуте препораки од Венециската комисија и сите други организации, изјави денеска во име на Европската комисија портпаролот Петер Стано, откако вчера најголемите македонски партии од власта и опозицијата ги договорија изборните реформи, објави МИА.
– Овие амандмани сега ќе се дискутираат во Парламентот и како што знаете, изборните реформи беа важен дел и од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со ПЈР Македонија, но и важен елемент од политичкиот договор од 1. март минатата година. Овој договор што беше постигнат од страна на работните групи меѓу политичките партии, треба да биде дискутиран и усвоен во Парламентот. Но, тој беше еден од елементите што беа важни во рамки на Пристапниот дијалог, а комесарот беше јасен минатата недела кога кажа дека ХЛАД-от ќе продолжи како важен инструмент на ЕК за поддршка на реформскиот процес во ПЈР Македонија и предвидената континуирана определба на Владата да продолжи со имплементација на реформите, имплементација на мартовскиот договор и продолжување на подобрување на добрососедските односи – рече Стано за МИА.