
Игор Аврамовски Александров, претседател на Здружението на македонски заедници во Австралија и Мето Колоски, претседател на Обединетата Македонска дијаспора од САД, велат дека гласањето на дијаспората и овој пат ќе биде само добра идеја со лоша реализација и истакнуваат дека проблем ќе бидат и малкуте места за гласање…
На претседателските избори во Австралија пријавени се дека ќе гласаат 988 избирачи, 1.398 во САД и 5.925 во Европа.
Иако регистрацијата за гласање и за предвремените парламентарни избори е во тек, македонските асоцијации во дијаспората не очекуваат бројката да се зголеми.
Александров за телевизијата истакнува дека е подобро дијаспората и воопшто да нема пратеник, отколку тој да се бира со стотина гласови, со што се согласува и Колоски, кој реагира дека избраните пратеници не им посветуваат доволно внимание.
Изборот на тројца пратеници од дијаспората, што за прв пат се случи на предвремените избори во 2011 година, беше критикуван и од набљудувачката мисија на ОБСЕ – ОДИХР, пред сè поради разликата во бројот на гласови потребни за да се добие мандатот. Во Македонија за пратенички мандат се потребни околу 10.000 гласа, а за пратеници од дијаспората најмалку 400 гласа.
Извор: Plusinfo.mk