Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница едногласно го утврди роковникот за изборите за претседател на државата што ќе се оддржат на 13 април…

rilkoski

Комисијата апелираше до сите политички партии да се придржуваат кон обврските од Изборниот законик, посебно до одредбите кои предвидуваат  одделување на државата од партијата, забрана за отпочнување со градби, ставање камен-темелници, пуштање во употреба на објекти изградени со буџетски средства.

На новинарско прашање како ДИК ги коментира распишувањето на огласите за нови вработувања од 1 февруари, денот кога претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги распиша изборите, како и зачестените активности на власта викендов, претседателот на ДИК со најава дека оваа институција соодветно ќе реагира во рамките на своите надлежности.

– Сето тоа е регулирано во Иборниот законик, тоа се нови одредби кои беа донесени од сите политички партии кои го донесоа законот и тие треба да се придржуваат строго кон одредбите од законот. Доколку со распишувањето на изборите на 1 февруари се направиле прекршувања на законските одредби, јас сметам дека за прекршителите треба одредени санкции. Уште еднаш апелирам дека ДИК согласно своите надлежности за сите кои не се придржуваат до законот ќе реагира и ДИК во неговиот дел ќе превземе дејствија – рече Никола Рилковски, претседател на ДИК.

Според донесениот роковник за претседателските избори, кандидатите кои сакаат да учествуваат во изборната трка, краен рок за доставување на кандидатура е 13 март. Изборната кампања за избор на шеф на државата ќе започне на 24 март, а ќе заврши на 11 април.

Кандидатите кои сакаат да учествуваат во изборната трка ќе треба да соберат 10.000 потписи од граѓани или да имаат поддршка од 30 пратеници. Рокот за собирање потписи во подерачните единици на ДИК, ќе почне од 16 февруари и ќе трае до 2 март.

Граѓаните имаат рок од 20 дена за јавен увид во избирачкиот список, поточно од 16 февруари до 7 март. Бидејќи на овие претседателски избори за прв пат ќе гласа и дијаспората, на веб-сајтот на Државната изборна комисија ќе биде објавен образец 30, преку кој граѓаните од дијаспората кои сакаат да го остварат своето гласачко право  ќе треба да се пријават, за да бидат впишани во посебниот избирачки список, информираа од ДИК.

Рокот за пријавување е до 7 април, кога завршува и јавниот увид во Избирачкиот список. Доколку во првиот круг не се избере претседател на државата, се оди на втор круг, кој би се оддржал на 27 април.