Стопанската комора на северозападна Македонија предлага зголемување на минималната плата од 8.050 на 20.000 денари…

rabotnik pire voda

Предлогот го образложуваат со фактот дека едно семејство не може нормално да живее со сегашниот минималец, па дури и доколку двајца родители во едно четиричлено семејство примаат плата. Поради ова бараат нивниот предлог да го разгледаат Министерството за труд и социјална политика и Владата.

– Она што ние го бараме е приближување до реалноста, до реалните потреби на граѓаните. Минималната плата е толку ниска што со неа не може да се преживее. Барањето за зголемување на минималната плата на 20.000 денари е доставено до Министерството за труд и социјална политика. Свесни сме дека Министерството ќе ги земе предвид мислењата и на другите комори, како и на кластерите, па ќе биде потребно време за да ја добиеме нивната одлука – вели претседателот на комората Мендерес Кучи за Нова Македонија.

Кучи, како што вели, очекува нивниот предлог од Владата да биде примен со доза скептичност, но истакнува дека за да се подигне стандардот и за да се зголеми потрошувачката во државава, треба да се почне со зголемување на платите.

– Сметам дека е време нешто да се направи на ова поле, бидејќи оваа минимална плата прави нереална слика за состојбите тука. Може да се намалат непродуктивните трошења и државата да ја одреди границата до каде можат да се спуштаат платите. Доколку сме реални, ќе признаеме дека никој не може да преживее со минималецот што сега е одреден – вели Кучи.

Кучи подвлекува дека став го застапуваат сите членови на Комората и сите заедно сметаат дека сумата што ја предлагаат е реална минимална плата и која всушност и самите членки им ја исплаќаат на вработените.

Извор: Plusinfo.mk