
Имено вчера врз основа на претходно добиена оперативна информација за можно организирано извршување на КД „Криумчарење“ од страна на организирана криминална група од Р.Македонија и Р.Бугарија, РЦ за ГР „Исток“, подготви план за постапување.
Според информацијата, „криумчарењето“ би требало да биде извршено на м.в. „Локвите“, помеѓу ГК 63 и ГК 64, на државната граница на Р.Македонија со Р.Бугарија.
Во согласност со планот, на неколку локации на теренот (тактички одберени позиции на патиштата што водат од и кон државната граница) беше поставена заседа, вклучувајќи и „сигнални фото – апарати“ за детекција и фото-сигнализација на движење на овие патишта.
Околу 04.00 часот, утрината, на еден од поставените фото-апарати, во дежурната служба на ПС за ГП и ГН Делчево, добиен е фото-сигнал, при што на фотографијата се забележани две лица како со ранци се движат во правец кон државната граница, м.в. „Локвите“. Веднаш потоа на терен е испратена полициска мото-патрола по граничката патека долж граничната линија. Околу 04.25 часот полициските службеници од патролата, се приближиле кон м.в. „Локвите“ (по граничната патека), при што нивниот пристапен пат од страна на криминалната група бил попречен со „пресечен Бор“ кој што најверојатно во текот на претходниот ден бил попречен преку патот. Полициските службеници, го напуштиле возилото и заради сомненијата за присуство на луѓе со „ползење“ се приближиле кон наведеното место.
При ползењето, истите наслушнале „усна звучна лозинка“ во стилот на филмскиот детектив за животни Ајс Вентура, за кој што претпоставиле дека е наменет за криминална идентификација при одењето кај местото на криминалната размена помеѓу лицата од Р.Македонија и Р.Бугарија.
Кратко после тоа, од бугарска територија кон нив започнале да се придвижуваат 2 човечки силуети. Во еден момент кога, лицата кои наишле од бугарска страна, навлегле десетина метри во Македонска територија, полициските службеници реагирале со намера да ги приведат наведните лица. При приведувањето, едното од лицата е совладано, а другото успеало да избега на територија на Р.Бугарија, сокривајки се во шумските предели. Врз приведеното лице, употребено е средство за врзување – лисици, при што лицето е однесено во службеното ПМВ „Ландровер“.
Очекувајќи ги и Македонските државјани (кои што претходно беа фатени на фото-апаратот), а сеуште не пристигнале на криминалната размена, патролата поставила заседа за нивно лишување од слобода. По неколку минути, на местото на заседата, од македонска страна се доближиле две човечки силуети, кои со себе на грбот носеле 2 патни торби. И тие, наидувајки кон местото на зеседата, почнале да ја употребуваат истата звучна лозинка (извикувале „Гу-Гу“).
Во еден момен се посомневале дека не е се во ред со размената и започнале да бегаат во правец кон шумските предели кон внатрешноста на Р.Македонија, но полициските службеници веднаш реагирале и со трчање започнале да ги бркаат бегалците. Набргу лицата биле стигнати, совладани и приведени, а при совладувањето над истите е употребено средство за врзување. За време на бегањето, истите од себе ги фрлиле патните торби што ги носеле. За пронаоѓање на торбите, нешто подоцна е направена претрага на теренот и тие се пронајдени на растојание од околу 100 (сто) метри од м.в. „Локвите“, во правец кон внатрешноста на Р.Македонија, пронајдени се 2 (две) патни торби. При извршениот увид, во патните торби се пронајдени 10 (десет) пакувања со непозната трефкаста материја за која што се претпоставува дека станува збор за „Марихуана“. Одземената дрога е предадена во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР на РМ заради понатамошно вештачење, при што е утврдено дека се работи за 11 кг 750 гр. марихуана со висок квалитет.
Од страна на дежурната служба на ПС за ГП и ГН Делчево, за бугарскиот државјанин кој што се дал во бегство на бугарска територија веднаш е известена Бугарската гранична полиција – ГПС Станке Лисичково, кои што веднаш организирале потрга по бегалецот на Бугарска територија.
По извршеното легитимирање утврдено е дека се работи за двајца жители на село Град на возраст од 30 и 36 години и бугарски државјанин од Благоевград на возраст од 43 години. Од разговорите е утврдено дека еден од македонските државјани остварил неколку средби со бугарските партнери од кои добил инструкции дека треба да преземе марихуана во близина на Делчево и истата за парична надокнада од 500 евра да ја пренесе до границата и да им ја предаде. Запленетата марихуана при продажба на нарко пазар на големо во Р.Бугарија би достигнал цена од околу 50,000 евра.
Извршени се претреси и во нивните домови и против нив е поднесена кривична пријава за „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.