
Професорот Зоран Поповски влезе во трката за претседател на државата откако Централниот одбор на партијата ГРОМ на денешната седница ја донесе оваа одлука…
Поповски важи за еден од најблиските соработници на лидерот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски. Тој ги изнесе своите ставови за спорот со името и истакна дека не се согласува проблемот да се реши преку референдум.
– Ќе се обидам да ја прекинам оваа игра и манипулации со исконското име на Македонија и нема да дозволам референдумизација на тоа прашање. Не влегувам во оваа игра за да имам епизодна улога, во оваа ституација кога имаме раскрварена политичка борба меѓу најголемите партии, сакаме на граѓаните на Македонија да им дадеме нов избор и поради тоа очекувам голема поддршка и евентуална победа на претстојните избори – изјави Поповски.
Јакимовски, пак, ги издвои квалитетите на кандидатот и посочи дека станува збор за човек кој нема да потклекне на влијанија.
– Зоран Поповски е непосреден во контактите со граѓаните, скромен, семеен човек и над сè со големи доблести. Особено, најбитно е што е целосно предаден на образованието, науката и поддршката на младите студенти. Има само една мана, а тоа е што не е подготвен да ја свитка својата кичма, за што сметаме дека е многу битно како кандидат за претседател – рече Јакимовски.
Поповски е научник и професор кој работи и истражува во Институтот за анимална биотехнологија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Работи на факултетот од 1992 година. Раководител е на Катедрата за биохемија и генетско инжинерство, а предава Општа и клиничка биохемија на Факултетот за Фармација и ГМО на Технолошки-металуршкиот факултет. Од 2002 до 2006 година работел како државен секретар при Министерството за образование и наука.