Голем помор на риби се случи пред два дена во реката Брегалница во Делчево…

pomor

Рибарите кои ловеле риби по течението на Брегалница во централниот дел на градот, забележале повеќе килограми мртви мрени во реката.

Од делчевското риболовно друштво тврдат дека се работи за голем помор на риби, но причините за него се уште се непознати.
Сепак, поморот на рибите во делчевскиот дел на Брегалница се повторува постојано, велат рибарите, но санкции досега нема за никој, а главен проблем е што овој дел на реката нема концесионер.

– Брегалница во општинскиот атар на Делчево нема концесионер кој би требало да се грижи за рибниот фонд и да реагира на зачестените појави на рибокрадство и труење на рибниот фонд, вели спортскиот риболовец Љупчо Георгиевски.

По последниов помор на рибите Риболовното друштво од Делчево, побарало нему да му се додели концесијата за да може пред надлежните органи да покрене соодветна постапка.

Мострите од изгинатите риби се испратени на анализа. Тие треба да ја докажат причината за поморот на рибите.