Резултатите од извлекувањето на 27 јануари објавени на интернет страницата на Министерството за финансии покажуваат дека членови на исто семејство, со исти презимиња и иста адреса на живеење, на истото извлекување биле извлечени два, три, па дури и 8 пати…

B8ED9BD8-FA89-424E-889D-B0BEB0678F5B_w300_cw97_r1_s

Големи среќлии или уште поголеми местенки на наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“? Резултатите од извлекувањето на 27 јануари објавени на интернет страницата на Министерството за финансии покажуваат дека членови на исто семејство, со исти презимиња и иста адреса на живеење, на истото извлекување биле извлечени два, три, па дури и 8 пати.

Најголема среќа имало семејство од Скопје, чии членови биле извлечени дури 8 пати за наградата „ваучер за прехранбени продукти од 1000 денари“. На семејство од Гевгелија му се посреќило три пати да добие ваучер од 1000 денари. Семејство со исто презиме, но со друга адреса на живеење, исто така во Гевгелија, добило уште два ваучери од илјадарка. Иста таква награда три пати добило и семејство од Велес. На уште седум семејства во државата им се посреќило по два пати да бидат извлечени за ваучер од 1000 денари.

Граѓаните што ги анкетиравме во центарот на Скопје велат оти веќе не веруваат во себе, па камоли во некој друг.

„Секоја игра има местенка, само тоа можам да ви кажам, тоа отсекогаш го имало.“

„Можеби било случајно, не знам.“

„За верување, не верувам во сам себе, а не во друг.“

„Може паричните награди се чесни, а тие што се за стан или за кола, во тоа не верувам. Сепак, тоа се големи награди за да ги добиеш на среќа“, велат анкетираните граѓани.

Во Министерството за финансии ни одговорија дека наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“ е игра за народот и на народот и оти сите граѓани може да учествуваат со колку сакаат пликоа.

„Играта е максимално транспарентна, правилата за учество едноставни, процесот на извлекување и доделување на наградите е транспарентен и се одвива пред очите на македонските граѓани. Министерството за финансии како покровител и Државната лотарија како приредувач ги имаат сите превентивни механизми за извлекувањето да биде регуларно и транспарентно“, се вели во одговорот од Министерството.

Наградната игра на Владата почна на 1 декември минатата година, а право на учество имаат сите граѓани што имаат собрано 20 фискални сметки со колкава било сума и ги имаат испратено до Лотарија на Македонија

Новинската агенција на албански јазик ИНА, пак, по завршувањето на вториот круг од наградната игра објави дека речиси ниту еден Албанец не добил ништо од наградната игра, ниту од симболичните или најмали награди.

„Изгледа не аплицираат и ова покажува дека недостасува интерес за оваа владина игра“, изјавиле за агенцијата од службата за информирање при Владата.