Германски Дрекселмајер бара работници за фабриката лоцирана во индустриската зона во Кавадарци.

drekselmaer-600x334

Се бара сметководител, специјалист за човечки ресурси, царински службеник, службеник за обука, помошник на генералниот директор, систем администратор и уште неколку други работни места.

Сепак, она што е интересно е дека речиси на сите позиции се нуди плата од 8.050 денари.

Па така, за помошник на генералниот директор, со забелешка дека станува збор за технички асистент на технички директор, со работно време од 8 до 16 часот, односно 40 часа во неделата, и на определно време од 6 месеци се нуди плата од 8.100 денари.

Плата од 8.100 денари се нуди и за работната позција на Црински службеник. Станува збор за новоотворено место во компнијата, со работа во три смени, на определено време од 6 месеци.

А, 8.050 денари се нуди за работно место возач на патнички автомобил, со 40 работни часа неделно и со работно време од 8 до 16 часот. Работното место е на определено време од 6 месеци.

И на сите останати огласи за вработување во Дрекселмајер што се објавени на сајтот на државната Агенцијата за вработување, понудената плата е 8.050, односно 8.100 денари. Или, впишаната сума во огласите е колку што изнесуваше минималната плата во земјава до пред неколку недели, односно пред владата да донесе одлука за нејзино зголемување.

„Се јавив на посочениот број на огласот бидејќи ме интересираше висината на платата. Ми рекоа дека тоа не се вистинските плати, туку дека платите се повисоки. Сепак, не знаеја зошто и кој ги напишал платите во нивните огласи. Колкави се платите, особено за ИТ секторот кое мене лично ме интересираше не ми кажаа туку ми посочија дека треба да поднесам апликација и доколку ме викнат на интервју ќе ми ја кажат и сумата, вели за Фактор лице кое сака да остане анонимно.

Редакцијата на „Фактор“ се јави во Дрекселмајер и побаравме писмен одговор, зошто за сите рабoтни позиции во огласите нудат плата од 8.050 денари? Дали тоа се реалните плати што им ги нудат на работниците кои ќе се јават на оглaсите?  Но, прашавме и дали ако тие суми не биле наведени од нивниот менаџмент, кој ги напишал?

Од Дрекселмаер во Кавадарци, посочија дека за да ни дадат одговори на сите прашања ќе мора да добијат дозвола од седиштето на компанијата во Германија и дека кога ќе ја добиеле дозволата, тогаш ќе ги испрателе одговорите до редакцијата на Фактор.

Споре измените на законот за работни односи од минатата година, секоја компанија која објавува оглас треба да ја наведе и основната плата што ќе ја добива работникот. Во членот 23, став 5 од Законот за работни односи се вели дека:

„Во јавниот оглас покрај другите посебни услови работодавачот е должен да го наведе почетокот и завршетокот на дневното и неделното работно време, распоредот на работното време и паричниот износ на основната плата за работното место за кое се бара работник“

Овие огласи со плата од 8 илјади денари во германски Дрекселмаер отвораат повеќе дилеми.

Прво, ако тоа се реалните плати што ги нуди компанијата тогаш тоа значи дека странските инвеститори и покрај субвенциите и поволностите што ги добиваат во земјава на работниците им исплаќаат минимални плати. Од друга страна пак, ако сумите не се наведени од страна на Дрекселмаер тогаш кој ги ставил во нивно име?

Одговорите на сите овие дилеми ќе треба да ги разјасни менаџментот на компанијата.

Аплицирање од среда 12 февруари до недела 17 февруари

Огласите со кои се бараа работници во Дрекселмаер беа објавени во среда, односно вчера, а пријавувањето завршува во недела, односно на 17 февруари. Тоа значи дека огласите траат три работни дена, иако законот налага да важат пет работни дена. Во Законот за работни односи член 23, став 1 пишува дека:

„Кога работодавачот вработува работници по пат на јавен оглас, е должен да ги наведе условите што се бараат за вршење на работата, рокот за пријавување, кој не смее да биде пократок од пет работни дена и рокот во кој работодавачот по истекот на рокот за пријавување ќе изврши избор, доколку со друг закон не е поинаку определено“.

Извор: Faktor.mk