
Владата вчера кај домашните банки и други кредитори се задолжи со околу 45,6 милиони евра, а денеска треба да се раздолжи со 27,7 милиони евра…
На вчерашните аукции се продаваа државни хартии од вредност кои имаат рок на враќање една, две и пет години. На четири аукции, Владата понуди дванаесетмесечни државни записи за кои доби 2,229 милијарди денари, една двегодишна државна обврзницаза која доби 200 милиони денари и две петгодишни државни обврзници за кои доби 375,8 милиони денари.
И овој пат главни купувачи беа банките, а другите клиенти беа заинтересирани само за една петгодишна обврзница.
Според податоците од Министeрството за финансии, денеска по основ на доспеани записи Владата треба да се раздолжи со 27,7 милиони евра. Во Буџетот за тековни трошења на располагање остануваат 17,9 милиони евра.
До почетокот на изборите (13 април), според планот на Министерството за финасии, планирани се уште четири задолжувања кај домашните кредитори, но за отплата достасува поголема сума пари.
Заклучно со декември лани, државата само по основ на домашно задолжување должи повеќе од 1 милијарда евра, што преставува досега највисоко ниво на внатрешна задолженост.