
Уште едно чудо ја одбележа случката со пожарот во катедралата Нотр Дам, поради кој кровот на зградата е целосно уништен.
Околу 180.000 пчели кои живееле во кошници на кровот од катедралата, ја преживеале страшната огнена стихија, која ја уништи една од најпознатите цркви во светот.
Николас Жеон, кој работи како пчелар во катедралата, потврдил дека пчелите се живи и го слушнал нивното зуење во кошниците.
Овие кошници со пчели биле поставени во 2013 година во склоп на иницијативата ширум Париз, да се зголеми бројот на пчели. Тие биле сместени на јужната страна од катедралата, на само 30 метри од главниот кров.
Се уште не е јасно како пожарот ги заобиколил, но како што вели Николас, за разлика од сите други видови на инсекти, пчелите остануваат во кошниците кога се во опасност и ја штитат матицата.
“Ме погоди тоа што се случи со Нотр Дам, бидејќи е толку убава, но веста дека пчелите се уште живи е прекрасна вест. Му благодарам на Бога што пламенот не дошол до нив. Тоа е чудо!”, изјавил Николас.