За синдикатите веќе не е во игра синдикалната потрошувачка кошничка во споредбата на платите со трошоците на живот кои ги имаат работниците, оти ваквата споредба била потребна во времето кога вработените земаа плата од 4.000 денари изјави денеска првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски на денешната прес-конференција на која беше соопштено дека Владата ги подготвила измените на Законот за минимална плата и го утврдила зголемувањето…

tekstilci 2

– Тоа беше потребно во периодот кога вработените земаа катастрофално ниски плати од 4.500 денари, пред да се донесе Законот за минимална плата во 2011 година и пред зголемувањето на износот на минималната, што се прави денеска – рече Митревски.

Тој не даде конкретен одговор за тоа дека семејствата и со зголемените минимални плати нема да можат да ја покријат синдикалната кошничка, која моментално изнесува  32.150 денари.

– Нереално е да се очекува износот на минималната плата да ја покрие потрошувачката кошничка, но нашето ангажирање за зголемување на минималната плата ќе биде актуелно сè додека не успееме работниците да добијат плата со која ќе успеваат да преживуваат – рече Митревски, подвлекувајќи дека со покачувањето во 2016 година минималната плата ќе биде повисока за 25,22 отсто од сегашно утврдената, а зголемувањето во дејностите каде што има одложено исплаќење, односно грејс период, до 2018 година, 46,96 отсто.

Претседателот, пак, на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитровски е задоволен што зголемувањето на минималната плата се водело со дијалог и се внимавало тоа да не предизвика проблеми во стопанството.

– Се надевам дека за 3 до 4 години, со заживување на економијата во Европската унија, ќе се подобрат условите за заживување и на нашата економија. Тоа ќе придонесе да се обезбедат можности за исплата на минималецот и нема да има проблеми во примената на законското решение – рече Димитровски.

Според него,текстилците и кожарската индустрија кои едвај успеваат да го исплатат и сегашниот износ на  минимална плата можат да ги поднесат трошоците за придонеси, но  сепак гледа ризик кај плаќањето на даноците кај работниците кои остваруваат минимални примања и минимално лично осигурување.

– Бараме овие работници да бидат ослободени од плаќање на данок – рече Димитровски.

Владата пак очекува законот со кој се предвидува зголемување на минималната плата доследно да се применува затоа што е донесен во консултација со сите социјални партнери.

– Со оглед на опсежноста на дијалогот и начинот, како се дискутираше за прашањата и согласноста како е постигнато зголемувањето на минималната плата, нема причина да не веруваме дека ќе се спроведува законот – рече министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Измените на Законот за минимална плата, со кои од март годинава треба да започне тригодишното зголемување, се усвоени на последната владина седница. Со нивното изгласување во Собранието, реално ќе започне зголемувањето на минималната плата од сегашните 8.050 денари на 10.080 денари.

Согласно измените на Законот, во март годинава минималната плата ќе изнесува од сегашните 8.050 денари на 8.800 денари (ќе се зголеми за 700 денари), во март 2015 година ќе изнесува  9.590 денари, а во март 2016 година ќе достигне 10.080 денари.

За текстилната и кожарската индустрија ќе има период на прилагодување до 2018 година. Во 2014 година работниците во овие дејности ќе добиваат минимална плата од 7.500 денари, во 2015 година таа ќе го достигне сегашниот износ  од 8.050 денари, во 2016 ќе се зголеми на 9.000 денари, додека пак во 2017 година ќе стаса до 9.590 денари. Минимална плата од 10.080 денари, текстилците и кожарците ќе добијат дури во 2018 година.

Со измените на Законот за минимална плата ќе биде извршена корекција на платите на 65 илјади работници.

Работодавачите кои нема да го почитуваат законот се соочени со казна од 7.000 до 8.000 евра, која ќе треба да ја плати фирмата и дополнителна лична казна за одговорното лице од 3.000 и 4.000 евра.

Олеснителна околност за нив, како што рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ќе биде тоа што тие прво ќе бидат опоменувани и доколку не се корегираат ќе мора да ја платат казната.