Министерството за внатрешни работи, односно Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, продолжи со активностите за целосно расчистување и документирање на криминалoт на организираната група криумчари, која беше разоткриена на почетокот на месецов, поточно на први април, во обид нелегално да пренесат поголема количина цигари од Р.Македонија во Р. Бугарија…

Capture

Во рамки на продолжението на акцијата откриени се местата, односно гаражите каде што биле полнети возилата со цигари. На тие места биле вршени и модификациите на возилата за да бидат сокриени цигарите, а при преземените дополнителни дејствија утврден е и начинот на работење како и хиерархиската структура на оваа група. Освен овие факти важни за натамошната постапка, откриени се и одземени и дополнителни количества цигари подготвени за криумчарење во соседна Бугарија. Од извршените претреси во спорните објекти беа пронајдени уште вкупно 790 кутии цигари (730 од марката „Мерилин“ и 40 кутии од марката „ЛД“),  две патнички и две теренски возила, 14 патрони за ловна пушка, како и телефонски апарати, сим картички и тефтер за евиденција за должничко-доверителски односи на физички лица.

Од преземените мерки, утврдено е дека групата започнала со криминални активности во 2012 година, а нејзини организатори се три лица од кои едно од Крива Паланка, едно од село Драмче и едно од село Копаница. Тие со цел стекнување со противправна имотна корист ја организирале криминалната група за криумчарење акцизна стока-цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија, односно нелегално пренесување на истите преку граничната линија користејќи ги легалните премини и т.н „диви премини“ на зелената линија кон државната граница со Р.Бугарија, вклучувајќи ги во групата и другите четири лица во различните фази на нивното криминално делување.

Сите тие делувајќи организирано со посебни задолженија во посочениот двегодишен временски период организирале повеќе транспорти, односно криумчарење на акцизна стока–цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија. Тоа го правеле на тој начин што по претходен меѓусебен договор и договор со засега непознати бугарски државјани, најпрво на посебни локации полнеле возила со бугарски национални ознаки со цигари (со и без акцизни маркици). Притоа речиси секогаш користејќи по две возила, (од кои едното задолжено за обезедување на возилото со кое се пренесувале цигарите), а потоа ги транспортирале во Р.Бугарија.