Дозволете да Ве известам дека согласно уставната обврска која ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно роковите утврдени во Изборниот законик, денес го потпишав Решението за распишување на избор за претседател на Република Македонија, со овие зборови претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја соопшти одлуката за распишување на претседателски избори…

trajko1-564x272

Претседателските избори според одлуката на Вељаноски ќе се оддржат на 13ти април.

–  Уставната одредба предвидува дека изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Имајќи во предвид дека на 20 април е големиот христијански празник Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот, ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година, вели Вељаноски.

Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, како и до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.

– Сакам да изразам задоволство од донесувањето на измените на Изборниот законик, истите усогласени и од власта и од опозицијата. Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се прифатени и од едните и од другите, при што очекувам истите да се почитуваат, да покажеме демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат, вели претседателот на Собранието.

Тој апелираше до сите учесници најодговорно и најсовесно да се раководат исклучиво по уставните и законските одредби, и уште еднаш на најдостоинствен начин да покажат дека заедничка примарна цел е просперитетот на Република Македонија.

Извор: Faktor.mk