
Второто извлекување на наградите од играта „Фискална во рака- награда без мака“ ќе се одржи вечерва, со директен пренос на првата програма на МТВ кој ќе почне во 20 часот…
Во ова извлекување, како што соопшти организаторот, учествуваат сите коверти доставени од почетокот на играта – 15 ноември 2013 година до вчеравечер до полноќ.
Главната награда е автомобил „фолксваген поло“ и 150 вредносни ваучери, во вредност од 1.000 до 60.000 денари.
Извлекувања, според последната одлука на организаторот, поради големиот интерес на граѓаните, ќе се реализираат секој месец до крајот на годинава. Во сите извлекувања редовни награди се автомобил и 150 вредносни ваучери од 1.000 до 60.000 денари, а во седмото, кое ќе се реализира на 30 јуни 2014, и тринаесетото, кое ќе се реализира на 29 декември 2014, покрај редовните награди ќе се извлекуваат и главните награди – стан во Скопје и деловен простор во Скопје.
Според пропозициите, во седмото извлекување за наградите стан и деловен простор ќе учествуваат и неизвлечените коверти од второто заклучно со шестото извлекување, а во тринаесеттото, за извлекување на наградите стан и продажен простор ќе учествуваат неизвлечените коверти од осмото заклучно со дванаесетото извлекување.