
Православните христијански верници утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик…
Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде на годинашниот кум Методија Стефановски – Тоде ќе му биде врачен преодниот бадникарски ќуп.
Манифестацијата ќе почне со промоција на новото бадникарско знаме, а Силви Бенд ќе ја изведат бадниковата химна. Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во 11 часот со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар.
Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството.
Во пресрет на утрешното празнување на Бадник, верниците во сите населени места вечерва палат бадникарски дрва.
Општина Карпош традиционално организира прослава со палење Бадников оган спроти празнувањето на Бадник и Божик. Општината обезбедила 70 метри кубни дрва за сите месни заеднци при општината чии куќни советi доставиле барања за дрва за бадникарски огнови.
Централната манифестација на палење оган ќе се одржи кај Спортско-рекреативниот центар Влае 2 со почеток во 19 часот. Таа ќе биде збогатена со културно-уметничка програма, а ќе се служат и топли пијаlaci и посна храна согласно со православните обичаи.
Традиционално палење на бадникарски оган ќе се одржи и во населбата Маџари во општина Гази Баба, во дворот на црквата Св. Кузман и Дамјан. Претходно во црквата свештеници на МПЦ-ОА ќе одржат божествена литургија. На манифестацијата, која ќе почне во 19:30 најавено е присуство на градоначалникот и претседателот на Општина Гази Баба Тони Трајковски и Милан Андоновски.
Извор: Plusinfo.mk