Ракометарите на македонскиот шампион Вардар го прегазија Динамо Минск со 30-22 и обезбедија пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите, а со овој триумф пласман меѓу шеснаесетте најдобри обезбеди и Металург.

vardar_rakomet2

Ракометарите на Вардар добро го отворија мечот и одржуваа предност од два гола разлика во првите 15 минути. Следуваа неколку грешки во нападот по кои Белорусите направија серија од 3:0 за прво нивно водство од 5:6.

Вардарци не дозволија одлепување и веднаш влегоа во серија благодарение на одличниот Тимур Дибиров кој со трите негови погодоци и двата на Тоскиќ во низа актуелниот македонски шампион направи водство од 11:7, а на пауза се замина со резултат 14:11.

На стартот од вториот дел нашиот шампион направи серија и поведе со 20-14, во 43 минута имаше и седум разлика (22-15), а на седум минути пред крајот водеше со највисоки 28-20, за на крајот да слави со 30-22.

Тимур Дибиров постигна осум, Игор Карачиќ седум, а Алем Тоскиќ четири голови во велинченствената победа на Вардар. Одличен настап во второто полувреме имаше и Страхиња Милиќ кој имаше девет интервенции.

На спортивната страна се истакнаа крилните играчи Иван Нинцевиќ и Дзианис Рутенка, кој постигнаа по седум голови.

Извор: Sportski.mk