Нивото на водата во Беровското Езеро е на биолошки минимум. Испуштањето на вода од езерото за потребите на хидроцентралата е целосно запрено, откако на вонредна седница загриженост изразил Одборот на водокорисници на Беровското Езеро.

berovsko-ezero-1a

Надлежните органи информираат дека будно ќе продолжат со следењето на хидролошката состојба и на водостојот во хидроакумулацијата, од која зависи снабдувањето со вода за пиење на Берово, туристичкиот комплекс и повеќе села во Малешевијата.

Искористувањето на водите од Беровското Езеро за работата на хидроцентралата ќе биде дозволено само кога ќе се подобри хидролошката состојба и нивото на водата тоа ќе го овозможи.

Алармот за состојбата на Беровското Езеро се вклучи уште на средината на декември, кога граѓаните реагираа со тврдења дека не паметат толку низок водостој во овој период од годината.

Хидроцентралата на Ратевска Река беше отворена во мај минатата година, како јавно-приватно партнерство на Водостопанство – Берово и фирмата „Солар“.

Подобрување на состојбата со водостојот надлежните очекуваат дури напролет, кога ќе има повеќе дождови и дотек на вода во езерото.

Фото: Телеграф.мк

Извор: Faktor.mk