Владата во понеделникот ја повлекла забраната според која беше препорачано да не се користи огревно дрво, кое најмногу придонело за загадување на воздухот во државава…

badnik2013Владината одлука е на само шест дена од големиот верски празник Бадник на кој, во сите места ширум Македонија каде што живеат православни верници се палат бадникарски огнови. Токму за таа цел десетици општини низ Македонија им поделиле по најмалку два кубика дрва на месните одбори за Бадник, уште додека беа на сила владините препораки за загадување.

Според веќе неважечката одлука на Владата, запалените дрвја најмногу придонесуваат за загадување на воздухот и зголемување на количеството на канцерогените ПМ10 честички во воздухот.

Бадникарските огнови се неприфатиливи и за црквата. Таа вели дека тие се се во апсолутна спротивност со начинот на кој верниците треба да го одбележат првиот поголем годинашен православен празник, Бадник.

– Славењето на Бадник е многу изменето, што се гледа преку начинот на кој се прославува, со што се враќа паганството. Празникот се обесчестува со прејадување, мрсење и јадење колбаси кога е посна трпеза, како и препивање алкохол, што посебно се случува во Скопје. Тоа е надвор од прописите, барањата и учењата на црквата – објаснува отец Стојан Поповски.

Според него, но и според ставот на МПЦ, бадникарските огнови, печењето колбаси и пиењето ракија се во апсолутна спротивност со начинот на кој верниците треба да ги одбележуваат деновите пред Божик.

– Бадник го славиме по пагански, а Божик, ако имаме сила да го славиме поради бадниковите теревенки, тоа го правиме по рисјански. Посната бадникова вечера, како претпразненство на големиот празник на Христовото раѓање, кое треба да го сплоти семејството и полноќната Божествена литургија се заменети со литаниите на маалските огнови и култот на греаната ракија. На тој начин се уништува убавината и раскошното предание на нашата празнична култура – потенцира епископот Методиј во својата колумна „Реставрација на традиции или реставрација на примитивизам“, објавена на интернет-порталот на МПЦ, „Преминпортал“.

Извор: Plusinfo.mk