
Лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов се откажа од трката за претседател, откако не успеа да собере 10.000 потписи за поддршка на неговата кандидатура…
Иако рокот истекува ноќеска на полноќ, сепак уште вчера Ангелов уште вчера ги повлече списоците и се откажа.
„Собирањето на 10-те илјади потписи за подршка на мојата кандидатура за претседател се одвиваше многу тешко и поспоро од планираното. Иако сме задоволни од бројот на собрани потписи, сепак сме далеку од целта“, соопшти лидерот на „Достоинство“, кој сепак најави дека ќе учествува на предвремените парламентарни избори за кои е сè поизвесно дека ќе се одржат.
Неуспех да собере 10.000 потписи најавува и професорката Билјана Ванковска, која сакаше да влезе во трката за претседател какко независен кандидат. Ванковска најави дека утре ќе го испрати последното соопштение до медиумите, а потоа ќе се повлече од настапите во јавноста затоа што е разочарана бидејќи средствата за јавно информирање не и помогнале да ја „истурка“ својата граѓанска иницијатива.
„Веќе 15-тина години ви ги пополнувам емисиите и страниците, ценејќи дека е тоа должност на интелектуалец: без да се штедам, зборував кога сите молчеа и се криеја од страв да не се замерат или да не згрешат. Сето тоа го правев без калкулации и без хонорари. Само два пати ве повикав, т.е. очекував ваш интерес за она што го правам: првиот пат беше РЕКОМ, а вториот – ова низ што сега минувам. Двата пати ми го свртевте грбот. Отсега престанувам да бидам јавен соговорник, а единствено ќе си ја задржам колумната во „Нова Македонија“. Од мене – толку!“, им се обрати Ванковска на медиумите преку Фејсбук.
Со ова, извесно е дека четворица кандидати ќе влезат во трката за избор на претседател. Професорот по молекуларна биологија Зоран Поповски прв успеа да собере 10.000 потписи како кандидат на ГРОМ. Во иста мисија до крајот на денов е поранешниот потпретседател на Собранието Илјаз Халими, кој е кандидат на ДПА за високата функција. Актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ немаше потреба од потписи и можеше да се кандидира со поддршка од 30 пратеници, но тој сепак одлучи да собира потписи од граѓаните и само синоќа собра 20.000.
Кандидатот на СДСМ, кој најверојатно ќе биде професорот Стево Пендаровски, чека последна потврда утре на партискиот конгрес, па со оглед на тоа што рокот за потписи ќе биде истечен, тој ќе биде единствен што ќе се кандидира со поддршка од 30 пратеници.
Извор: Faktor.mk