Граѓанското здружение „Разбуди се!“ денеска преку соопштение ги повика Албанците да ги бојкотираат претстојните претседателски избори во Македонија.

izbori

Најавуваат дека ќе покренат цела кампања за да ги убедат гласачите Албанци да не гласаат на изборот за шеф на државата.

Од „Разбуди се“ ги повикаа и другите организации од албанското цивилно општество, Исламската верска заедница, како и албанските медиуми, на заедничка работа за да се „оневозможи избор на претседател на Македонија којшто е неприфатлив за Албанците“.

Според нив, ниту еден претседател на државата не може да биде легитимен претставник без албанските гласови и сметаат дека во иднина, претседателот треба да се избере во Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство.

Граѓанското здружение „Разбуди се!“ се смета за доста влијателно меѓу Албанците во Македонија, но премиерот Никола Груевски се надева дека сценариото за бојкот сепак нема да се реализира.

„Ако се решат на тој чекор, мислам дека ќе сфатат оти направиле погрешна проценка“, изјави Груевски.

Излезноста е особено важна во вториот круг од претседателските избори, каде што е предвиден цензус од 40% од вкупниот број запишани гласачи во избирачкиот список за гласањето да се смета за успешно. Токму обезбедување на излезноста во вториот круг се смета за една од основните причини заради која партиите евентуално би се решиле, заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори.

Извор: Faktor.mk