
Предлог законите за администрација се во собраниска процедура, во прво читање, но сериозно ја разбрануваа јавноста. За опозицијата, новите закони служат за заплашување на администрацијата. За власта тие се дело од реформите што ќе доведат до професионална и непартизирана администрација.
Граѓаните и колегите ќе го оценуваат работењето на административците. На крајот од годината секој ќе биде оценуван од 1 до 5 за сработеното.
Од оценката ќе зависи дали вработениот ќе биде награден, унапреден или казнет.Со 13та плата ќе бидат наградени само 5 проценти од администрацијата кои ќе добијат највисока оценка. На овој начин ќе се стимулира квалитетот и услужноста кај вработените.
Во зависност од просекот од сите добиени оценки, годишната оценка на административниот службеник може да биде оценет како:
- „особено се истакнува”, доколку има вредност од 4.51 до 5.00;
- „се истакнува”, доколку има вредност од 3.51 до 4.50;
- „задоволува”, доколку има вредност од 2.51 до 3.50;
- „делумно задоволува”, доколку има вредност од 1.51 до 2.50; и
- „не задоволува”, доколку има вредност од 1.00 до 1.50.
Оние кои ќе добијат годишната оценка “особено се истакнува”, ќе бидат наградени со бонус односно најмногу една платата, а оние кои ќе добијат оценка„не задоволува”, ќе им престане работниот однос. Административниот службеник кој ќе добие оценка „делумно задоволува”, ќе му биде намалена платата најмногу во износ од 30% во период од една година, а доколку во две последователни оценувања истиот административен службеник добие оценка „делумно задоволува”, ќе му престане работниот однос.
Предлог законите се во собраниска процедура, во прво читање, но сериозно ја разбрануваа јавноста. За опозицијата, новите закони служат за заплашување на администрацијата.
„Заплашување и тоа токму на онаа администрација која е донесена со партиски книшки од ВМРО-ДПМНЕ. Дали овој закон важи за оние 1500 луѓе што седат дома и земаат плата, тоа не знам. Или ова заплашување со законот оди во прилог на неисполнетото ветување на Груевски веќе 4 или 5 години за 5 % зголемување на платата на јавните службеници. Нема зголемување на платата, ама ќе ќутите затоа што имаме закон со кој што ќе ве истераме од работа“, изјави Јани Макрадули од СДСМ од собраниската говорница.
За владејачкото мнозинство, пак овие закони се реформски.
„Носењето на еден ваков закон претставува еден од најреформските потези што може кое било владејачко мнозинство и влада да го направат. Потег којшто не секогаш е популарен и навистина треба да се има и политичка волја и храброст да се преземе ваков чекор, имајќи ја предвид и големината и комоцијата којашто по дефиниција ја чувствува јавната администрација“, вели изјави од собраниската говорница Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ
Извор: Faktor.mk